ТАВ Македонија најавува 10 нови зимски дестинации: Еве ги новите летови од Скопје и Охрид

ТАВ Македонија најавува 10 нови дестинации од македонските аеродроми за претстојната зимска сезона 2025/26 година, која започнува на 26 октомври 2025 и ќе трае до крајот на март 2026. Според генералниот директор Неџат Курт, девет од новите рути ќе бидат опслужувани од Wizz Air, додека EasyJet ќе ја врати линијата Скопје – Женева.

Од новите линии што стартуваат оваа сезона, се издвојуваат:

  • Скопје – Бари и Скопје – Стокхолм (од 27 октомври)

  • Охрид – Базел (27 октомври)

  • Скопје – Мадрид и Скопје – Ларнака (од 28 октомври)

  • Скопје – Прага и Скопје – Келн (од 15 декември)

  • Скопје – Будимпешта и Скопје – Неапол (од 30 март 2026)

  • Охрид – Милано (од 30 март 2026)

  • Скопје – Женева (од 3 ноември, EasyJet)

Со новиот зимски распоред, Меѓународниот аеродром Скопје ќе понуди 49 редовни и 13 чартер дестинации, опслужувани од 17 авиокомпании, додека охридскиот аеродром ќе има 5 дестинации со 3 авиокомпании.

Во првите девет месеци од 2025 година, двата аеродрома имаат обработено 2.585.096 патници, што е раст од 6% во споредба со истиот период лани. Скопје бележи раст од 5,4%, додека Охрид импресивни 16,2%.

Најфреквентна дестинација останува Истанбул, а меѓу водечките земји по број на патници се Турција, Германија, Швајцарија, Италија и Австрија.