
Група технолошки милијардери и инвеститори, вклучувајќи го коосновачот на Google, Сергеј Брин, инвеститорот Џон Доер и коосновачот на PayPal, Питер Тил, инвестираа повеќе од 120 милиони долари во кампања против предлогот за данок на милијардери во Калифорнија, кој ќе биде на гласање во ноември.
Со предлог-законот ќе се воведе еднократен данок од 5 проценти на богатството на жителите на Калифорнија и фондовите со средства што надминуваат 1 милијарда долари, објави Business Insider.
Според податоците од кампањата, главните противници на данокот собрале значително повеќе средства од неговите поддржувачи, предводени од синдикатот на здравствени работници SEIU-UHW со околу 31 милион долари.
Најголем индивидуален донатор е Сергеј Брин, кој донираше околу 82 милиони долари преку политичкиот комитет „Градење подобра Калифорнија“.
По него следуваат инвеститорот Џон Доер со 10 милиони долари, како и претседателот на компанијата за криптовалути „Рипл“ Крис Ларсен, инвеститорот Мајкл Мориц од фондот за ризичен капитал „Секвоја“ и коосновачот на платформата за плаќање „Страјп“, Патрик Колисон.
Противниците на данокот тврдат дека таквата мерка би можела да доведе до одлив на капитал и преместување на богатството надвор од државата Калифорнија, додека поддржувачите истакнуваат дека дополнителен данок на големо богатство би помогнал во финансирањето на јавните програми и намалувањето на нееднаквоста меѓу луѓето, пренесува Танјуг.











