Текстилни измами во бутиците: На етикетата вискоза, во реалноста полиестер

Различни декларации на производот и на етикетата, состав напишан со ситни букви што речиси не може да се прочита и облека без никаква декларација. Вакви примери сè почесто забележуваат македонските потрошувачи при купување облека во бутици и трговски центри.

Граѓаните велат дека освен кај прехранбените производи, измамите со декларации се присутни и кај текстилните производи. Не е редок случајот на дополнителната етикета поставена од трговецот да пишува дека облеката е изработена од 100 проценти вискоза, додека на оригиналната декларација на производот стои дека станува збор за 100 проценти полиестер. Кај дел од производите, пак, податоците за составот се напишани со толку ситни букви што потрошувачите тешко можат да ги прочитаат.

Од Организацијата на потрошувачите на Македонија предупредуваат дека декларацијата мора да биде јасна, видлива и целосно да одговара на информациите наведени од производителот.

-Облеката која се продава во бутиците и во трговските ланци треба да има видлива и читлива декларација која мора да биде идентична со таа што е на самиот производ. Ако на производот пишува 100 проценти памук, лен или вискоза, истото треба да биде наведено и на етикетата. Составот на материјалот мора да биде точно наведен бидејќи некои потрошувачи имаат алергии на одредени синтетички материјали. Декларацијата не смее да го доведува во заблуда потрошувачот, изјави за „Локално“, Татјана Тасевска, правен советник во ОПМ.

Таа појаснува дека кога постои разлика меѓу декларацијата поставена од трговецот и онаа на самиот производ, Државниот пазарен инспекторат може релативно лесно да ја утврди неправилноста. Сепак, доколку неточната информација потекнува од производителот, потребни се лабораториски анализи за да се утврди вистинскиот состав на ткаенината.

-Потрошувачите треба да ги читаат декларациите кај облеката исто како што ги читаат декларациите кај храната. Доколку забележат отстапувања или сомнителни информации, треба да поднесат пријава до Државниот пазарен инспекторат. Лажните или погрешните декларации претставуваат нечесна трговска практика и се санкционираат согласно законот, додава Тасевска.