Текстилните работници во Бангладеш протестираат и ги палат фабриките

26

banДесетици илјадници текстилни работници во Бангладеш излегоа на улиците барајќи минимална месечна плата од 100 долари. Во Дака и другите градови во земјата е запрен сообраќајот, работниците се судрија со полицијата, а запалени се и неколку фабрики.

Работниците протестираат веќе трет ден по ред, а околу 300 текстилни фабрики денеска се затворени поради страв од напад. Полицијата со гумени куршуми и солзавец се обиде да ги растера работниците, при што има повредени, јавуваат агенциите.

Бангладеш е втор по големина извозник на конфекција во светот и работи за големите марки како американски Walmart, француски Carrefour и шведски H&M. Скоро 80% од извозот на Бангладеш отпаѓа на индустријата за производство на облека. Минатата година е извезена облека во вредност од 20 милијарди долари. Во фабриките една смена обично трае од 10 до 12 часа, а просечната плата во оваа индустрија е околу 38 долари месечно, иако повеќето добиваат само по 19 – 26 долари. Синдикатите неодамна побараа минимална месечна плата од 100 долари, што сопствениците на фабриките го одбија, оправдувајќи се со неповолната светска економска состојба.

Повеќе за условите во кои работат текстилните работници во Бангладеш можете да прочитате тука.