Телеком Словенија и ОНЕ спонзори на EuroBasket 2013

52

7b817b99-ba5b-421b-92bc-ffb5509d70b8ОНЕ, како членка на Групацијата Телеком Словенија, објави дека матичната компанија е спонзор на најголемиот европски спортски настан годинава – EuroBasket 2013, кој ќе се одржи од 4 до 22 септември 2013 година во Словенија.

Телеком Словенија одлучи да застане зад најпрестижниот спортски настан во историјата на самостојна Словенија и да обезбеди максимална поддршка за негова успешна реализација.

Телекомуникацискиот оператор ОНЕ е четврта година по ред официјален спонзор на Македонската кошаркарска репрезентација, која на Европското кошаркарско првенство во Литванија 2011-тата со освоеното 4 место, успеа да обезбеди директен пласман на првенството во Словенија.

“Ми претставува огромна чест и задоволство да објавам дека Телеком Словенија е спонзор на EuroBasket 2013. Престижното спонзорство на EuroBasket 2013 и спонзорството на ОНЕ на МКФ се доказ за консолидираниот маркетиншки пристап на Групацијата Телеком Словенија и големата поддршка која ја даваме во промоција на националниот спорт, но и престижни спортски настани во земјата и во регионот. Горди сме што логоата на Телеком Словенија и ОНЕ ќе се најдат на терените на најголемиот кошаркарски спектакл во Европа, годинава”, изјави Виктор Доневски, Директор за маркетинг и односи со јавност во ОНЕ.

Во организација на Амбасадата на Република Словенија, а по повод Денот на државноста на Република Словенија, денес на плоштадот Македонија е предвиден настан на кој кошаркарските фанови ќе имаат можност одблиску да се запознаат со програмата на EuroBasket 2013, да одиграат баскет и да се дружат со официјалните претставници на настанот.

“Искрена благодарност во име на целиот организационен одбор на  EuroBasket 2013 до компанијата Телеком Словенија што ја препозна важноста на овој спектакл кој не очекува во септември и благодарност до ОНЕ, нашиот денешен домаќин. Јас сум уверен дека ќе имаме одлична соработка и дека по првенството ќе зборуваме само за позитивните ефекти”, изјави портпаролот на EuroBasket 2013, Анже Блажиќ.

Од 4 септември 2013, Словенија ќе ги отвори вратите на четирите спортски сали во Јесенице, Копер, Цеље и Љубљана, каде се до 22 септември ќе се одржуваат натпреварите на EuroBasket 2013.