Тензиите на Блискиот Исток ја зголемија цената на нафтата

25

Во саботата наутро цената на нафтата WTI, референтната за американскиот пазар, беше 76,84 долари, а нафтата од типот брент 82,19 долари за барел и тие се во фаза на раст, објави Oil Price.

Цените на нафтата се искачија над 82 долари на меѓународните пазари во петокот, во услови на влошување на изгледите за прекин на конфликтот во палестинскиот Појас Газа.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 79 центи повисока од претходното затворање на тргувањето и изнесуваше 82,42 долари. Во Њујорк барелот се тргуваше по повисока цена од 1,02 долари, пренесува Мина.

Пазарите беа потресени во четвртокот поради влошените изгледи за прекин на конфликтот во окупираниот палестински Појас Газа.

Во петокот израелските сили продолжија со воздушните напади врз Газа.

Во петокот Украина со беспилотни летала нападна две рафинерии во јужна Русија. Пожар избувна во рафинеријата Илски. И покрај повторените украински напади и техничките проблеми, Русија во февруари извезла повеќе нафта од планираното со договор на водечките производители.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, го намалуваат производството за да ги поддржат цените во време на намалена побарувачка.

„Сè уште чекаме доказ дека Русија може доволно да го намали извозот без ограничувањата наметнати од временските услови“, рече аналитичарот на Комерцбанк, Карстен Фрич, коментирајќи го намалувањето на понудата на ОПЕК +.

Во меѓувреме, американското Министерство за финансии санкционираше уште три компании со седиште во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и еден танкер регистриран во Либерија, за транспорт на руска нафта поскапа од 60 долари. Групата од седум најразвиени земји (Г7) ја постави горната граница за намалување на рускиот приход.