Тесла ги затвора фабриките во Берлин и Шангај

59

Производството во фабриките на Тесла во Берлин и Шангај ќе биде прекинато во текот на следниот период, а причината е подобрување на производните процеси.

Се очекува фабриките да не работат неколку недели, пренесува BizLife.

Американскиот производител на електрични автомобили најпрво ги запре производните линии на Model Y во Шангај во првите две недели од јули.

Производството на Model 3 во Кина ќе биде стопирано на 18 јули за период од 20 дена. За време на оваа пауза се очекува подобрување на производствениот процес, така што повеќе автомобили ќе излезат од фабричките линии, а нормализацијата на производството во Шангај се очекува во текот на август.

Сепак, работата на фабриката во Кина годинава нема да ги исполни очекувањата, бидејќи производните линии беа стопирани и во текот на пролетта кога во Шангај беше воведен полициски час поради зголемениот број на заразени со коронавирус.

Што се однесува до Германија, гигафабриката во близина на Берлин ќе престане да работи на 11 јули на две недели. Германските медиуми јавуваат дека Tesla сака да го удвои производниот капацитет на овој објект од август.

Според некои информации, ова затворање било планирано пред неколку месеци. Весникот „Билд“ објави дека ремонтот на фабриката ќе се фокусира на осигурување дека каросеријата на автомобилите поминува само 30 секунди на секоја производна станица, наместо приближно 3 минути што сега ги поминуваат во секоја фаза.

Компанијата соопшти дека планира да произведува 500.000 автомобили годишно во германската фабрика, но досега производството достигна само 1.000 единици неделно, што е десетина од првичниот план. Засега не се знае кој дел од 4.500 работници ќе заминат на одмор, а колку од нив ќе останат да го реорганизираат производството.

Илон Маск, извршен директор на Tesla, неодамна објави дека новите фабрики во Германија и Тексас губат милијарди долари бидејќи трошоците се високи, а резултатите се лоши.

И покрај тоа, јуни беше најдобриот месец досега за Tesla во однос на производството, бидејќи 254.695 автомобили излегоа од производната лента.

Фото: Facebook