Тесла го отпушти целиот оддел за Supercharger без најава

43

Tesla ненадејно го отпушти тимот што го водеше нејзиниот бизнис за полнење електрични возила, фрлајќи сомнеж врз иднината на една од најголемите американски мрежи за полнење, којашто и други производители на автомобили како General Motors и Ford најавија дека ќе ја користат.

Во објавите на социјалните мрежи, неколку вработени во Tesla ги потврдија отпуштањата, за што првпат објави The Information.

„Целиот наш оддел за полнење е отпуштен“, напиша на X Вилијам Наваро Џејмсон, шеф на стратегиските програми за полнење на Tesla.

Извршниот директор на компанијата Илон Маск го коментираше и укинувањето на одделот, посочувајќи дека Tesla не се откажала од својата мрежа Supercharger, туку планира да ја развива со „побавно темпо“.

Недостатокот на инфраструктура за полнење, пишува CNN, е една од главните пречки за широко распространето усвојување на електрични возила, а мрежата Supercharger на Tesla одамна е главна продажна точка за нивните автомобили.

До неодамна, само возилата на Tesla можеа да ја користат таа мрежа.

Но, по повикот на Маск, речиси секој голем производител на автомобили во САД се обврза да ги направи електричните возила компатибилни со технологијата за полнење на Tesla, сега позната како северноамерикански стандард за полнење.