Тесла го престигна Audi во глобалната продажба на автомобили за прв пат

Производителот на електрични возила Tesla минатата година ја надмина една од најпочитуваните германски марки премиум автомобили, Audi, во продажба, покажуваат објавените податоци.

Tesla испорача 1,79 милиони возила на клиентите минатата година, додека Audi продаде 1,67 милиони автомобили во 2024 година, 12 отсто помалку од една година порано, пишува Bloomberg. 2024 година на Тесла не беше без проблеми. Американската компанија го забележа првиот пад на годишните испораки по повеќе од една деценија и за малку ја задржа предноста пред кинескиот BYD.

Во Европа, продажбата на електрични возила е под очекуваното, откако неколку земји ги намалија субвенциите. Германските производители на автомобили се борат со слабата побарувачка за луксузни автомобили во Кина, каде опоравувањето останува неизвесно, како и конкуренцијата од локалните производители.

Фолксваген, Мерцедес-Бенц и БМВ, како и многу други производители на автомобили, предупредија на пад или забавен раст на профитот поради тешкотиите на пазарот.

Продажбата на Audi падна на пазарите во Германија, Кина и Северна Америка, а испораките на целосно електричните модели на компанијата во 2024 година паднаа за околу осум отсто на околу 164.000, пренесува Танјуг.