Американски Tesla Motors најави дека својот Модел S ќе го продава во Кина по цена од 121.000 долари, оценувајќи дека оваа релативно ниска сума претставува “голем ризик” за кинескиот пазар, затоа што купувачите би можеле да помислат дека се работи за возило со понизок квалитет.
Електричните, но и луксузните автомобили во Кина се многу поскапи во споредба со западните земји поради данокот и другите давачки од страна на произведувачите. Најчесто цените во Кина се двојно повисоки од оние во Европа и САД.
Од компанијата велат дека на американската цена од 81.000 долари ќе ги додадат само неизбежните даноци и трошоци за транспорт.
Кинескиот пазар е најголем во светот по бројот на продадени возила, а светските произведувачи на автомобили се повеќе се фокусираат на овој пазар, поради зголемување на приходите и за да ја надоместат слабата продажба во Европа. Минатата година во Кина беа продадени скоро 22 милиони нови возила, што е раст од 14% во однос на една година претходно. Во САД, вториот пазар по големина, беа продадени 15,6 милиони возила, што е за 8% повеќе.
Tesla минатата година продаде 22.450 возила, за 1.000 повеќе од предвиденото.