Tesla најави ново намалување на цените на своите автомобили

38

Откако „Tesla“ ги намали цените на своите автомобили во јануари, оваа недела повторно се одлучија за истата тактика.

Последната година, меѓу другото, низ светот владееше инфлација, односно големи поскапувања на сè и сешто – од прехранбени производи, па до автомобили и недвижнини. Со такви секојдневни вести за поскапувања, реткост е некоја компанија два пати во краток период да ги намали цените на своите производи, а токму тоа го направи Tesla. И тоа откако цените на нивните возила, под притисок на инфлацијата и проблемите со ланците за набавка, но и поради големата побарувачка, континуирано растеа.

По неодамнешното поевтинување на своите автомобили на почетокот на годината, компанијата на Илон Маск сега најавила ново намалување на цените и тоа за двата најскапи модели – „Model S“ и „Model X“. Поевтинувањето не е мало и се движи од 5.000 до 10.000 долари, зависно од моделот. Најмногу поевтиниле „Model X Long Range AWD“ – од 110.000 на 100.000 долари и „Model X Tri-Motor Plaid“ од 120.000 на 110.000 долари, додека цената на „Model S Long Range AWD“ сега изнесува 90.000 долари.

Тоа што е интересно е дека сега цените на двете „Plaid“ верзии се исти, односно и „Model S“ и „X Plaid“ чинат 110.000 долари, додека класичната верзија на „Model X“ е 10.000 долари поскапа од „Model S“. Од почетокот на годината цената на тоа возило при две поевтинувања е намалена за 21.000 долари. Зборувајќи неодамна за состојбата на пазарот, Илон Маск изјави дека желбата на луѓето за поседување на „Tesla“ е прилично голема, но нагласил дека постои и еден ограничувачки фактор, а тоа е, секако, цената, па ќе биде интересно дали и колку ќе порасне побарувачката за најскапите модели на „Tesla“.

По поевтинувањата во јануари оваа година, дел од аналитичарите заклучиле дека Маск, под притисок на конкуренцијата, започнал ценовна војна во која се бори за секој корисник. Влегувањето во таа војна се исплатело, бидејќи, како што нагласува „Reuters“, по првото поевтинување побарувачката автономните автомобили на „Tesla“ пораснала.