Tesla повторно ги покачува цените на електричните автомобили

40

Американската компанија за електрични автомобили Tesla ги зголеми цените на кросоверите Model Y од САД и седаните со долг дострел Model 3 за 1.000 долари. Цените исто така растат за некои верзии на Model 3 и Model Y, произведени во Кина, за 10.000 јуани (околу 1.580 долари).

Минатата година Tesla постојано ги зголемуваше цените на најприфатливите верзии на своите електрични автомобили Model 3 и Model Y во САД. На пример, во споредба со јануари 2021 година, цената на електричниот модел Y Long Range се зголеми за 20% во САД, а на моделот 3 Long Range седан – за 10,6%.

Растот на цените на Tesla доаѓа во услови на зголемени трошоци за суровините предизвикани од ситуацијата во Украина. Ова, според Ројтерс, може да стане главна пречка за плановите на Tesla и другите производители на автомобили да лансираат електрични возила со попристапни цени.

Според аналитичарот Грегори Милер од Benchmark Mineral Intelligence, зголемувањето на цените на никелот, литиумот и другите материјали не само што може да го забави, туку дури и привремено да го смени долгорочниот тренд на поевтини батерии – најскапата компонента на електричните возила, што ќе го „сопне“ ширењето на електричните автомобили.