
„Тесла“ лансираше нова, поевтина верзија на „Модел 3“ на европскиот пазар во петокот, два месеци по неговото деби во САД, со цел да ја зголеми продажбата во услови на посилна конкуренција и слаба побарувачка.
Компанијата се соочува со намален интерес во Европа, каде што регистрациите на нови возила значително се намалија оваа година, и покрај освежената понуда на Model Y. Многу купувачи се свртуваат кон конкурентските модели, како што се Volkswagen ID.3 и кинескиот BYD Atto 3., објавува Ројтерс.
Новиот Model 3, кој Tesla го опишува како возило со „екстремно ниски трошоци за поседување“, има намален опсег на луксузни детали и опрема, но задржува опсег од повеќе од 300 милји. Испораките се очекуваат во првиот квартал од 2026 година.
Иако извршниот директор на компанијата, Илон Маск, со години најавува сосема нов електричен автомобил за масите по цена од околу 25.000 долари, тој се откажа од тој план минатата година и одлучи да развие поевтини верзии на постојните модели. Аналитичарите предупредуваат дека ова може да ја загрози продажбата на попрофитабилни возила.
Во октомври беше лансиран поевтиниот Model Y, со цел Tesla да го одбрани пазарниот удел од европските и кинеските производители кои нудат сè попристапни електрични автомобили, честопати по цени под 30.000 долари.
Цената на новиот Model 3 Standard во Германија е 37.970 евра, во Норвешка 330.056 круни, а во Шведска 449.990 круни. Во Германија, следната поскапа верзија, наречена „премиум“, чини 45.970 евра. Во САД, овој модел чини 36.990 долари.











