Alfa Romeo врти нова страница во својата историја со претставувањето на целосно новиот Tonale. За првпат по 2017 година, италијанската марка претстави нов модел, но тука не станува збор само за обичен нов автомобил. Напротив, Tonale е најава за новите ветришта кои дуваат во Alfa Romeo и претставува најважниот модел за иднината на брендот кој ветува многу и самиот по себе наметнува огромни очекувања од Торино. Покрај сето ова, новиот Tonale е и весникот на иднината, бидејќи станува збор за првиот електрифициран модел на Alfa Romeo, со тоа што од 2025 година ќе добие и целосно електрична верзија.
Претставен кон почетокот на годината, Tonale пристигнува во најдобриот можен момент за брендот, а малиот кросовер уште на зачетокот на својот животен век се соочува со голем притисок бидејќи Alfa Romeo полага големи надежи во него. Сегментот на мали SUV модели доживува бум во последните години, а рецептот кој Alfa Romeo го примени кај својот нов модел ветува многу. Ако се суди по дизајнот, Alfa Romeo уште од старт има полн погодок и апсолутен победник во сегментот, што и не треба да претставува изненадување за италијанската марка.
Дизајн кој победува
Наменет кон динамична публика, Alfa Romeo Tonale нуди препознатлив, сензуален и напреден изглед, истакнувајќи ги новите стилски насоки. Дизајнот е врвен, скулптурален, самиот по себе вистинско ремек дело. Трите форми во фаровите, лево и десно се всушност очите на моделот. Носот на хаубата смело е истакнат неколку сантиметри над светлата, маската е стилизирана, а знакот Alfa Romeo е само победничкиот детал кој ги освојува погледите и ги остава без здив околните минувачи. Задниот дел плени со уникатност, а за да се истакне оригиналноста, долж задната врата е додадена светлечка лента. Црвеното светло е во форма на крило, а малите детали се истакнуваат со својот стил.
Со самото отворање на вратата и седнување на возачкото седиште, како да влегуваме во некој сосема нов, а истовремено препознатлив свет. Ентериерот дефинитивно изгледа поразлично од било што друго што сме виделе кај продукциски модел на Alfa, но деталите се тука да не потсетат дека станува збор за Alfa Romeo. Едноставно, ентериерот ги совлада сите „детски болести“ на некои претходни модели на италијанската марка. Кај Tonale се поставени квалитетни материјали, кабината е електрифицирана и добро организирана. Возачот е во главна улога и брзо се навикнува на кокпитот. Сè е на едно многу сериозно ниво, почнувајќи од чувството зад воланот каде се наоѓа и копчето за стартување на моторот, системот на потпирање, звучната изолација…
Вистински премиум ентериер
Пред возачот се наоѓа 12,5-инчен TFT инструмент кластер со конфигурирачки опции, чија форма го задржува препознатливиот облик на моделите на италијанскиот бренд. Покрај него, тука е и новиот 10,25-инчен екран на допир кој користи Uconnect 5 инфозабавен систем, а системот има бежична конекција за Android Auto и Apple CarPlay.
Во вториот ред има доволно простор за главата, додека просторот за нозете и стапалата е сосема пристоен. Багажникот собира задоволителни 500 литри багаж. Функционалноста е, сè на сè, повеќе од солидна, а камерите прикажуваат многу остра слика на екранот, каде што Tonale може да се види во перспектива од 360 степени. Покрај тоа, Tonale нуди неколку модерни системи за помош на возачот за дополнителна удобност и безбедност – има систем за задржување лента (со контролно копче на рачката на индикаторот), активно водење лента, препознавање сообраќајни знаци и систем за контрола на патувањето со автоматско растојание контрола.
Радикална еволуција
На основата на конзолата, поставено под агол за разлика од претходно, се наоѓа препознатливиот DNA селектор за возачки режими кој може да се користи за промена на карактерот на управливоста, гаста и адаптивните амортизери, но сега исто така го модифицира и однесувањето на електричниот погон кај хибридните модели.
Кога станува збор за „хардверските“ спецификации, треба да се истакен дека под „кожата“ на Tonale се наоѓа еволуција на постарата FCA платформа која може да се најде на модели како Jeep Compass, но со поширок траг и поголемо користење на алуминиум и модификации направени за да се вметнат новите хибридни погони.
За дебито на македонскиот пазар Tonale специјално е опремена ексклузивната верзија Edizione Speciale која се карактеризира со врвно ниво на опременост и напреден дизајн, а ќе биде достапен за купувачите кои први ќе одлучат да го купат првиот компактен SUV, кој е воедно и прв електрифициран модел на Alfa Romeo и треба да претставува пресвртница за италијанската марка. Токму оваа верзија ние ја имавме на дружење на неколку дена.
Конечно електрифицирана Alfa
Со оглед на тоа дека длабоко газиме во новата ера на автомобилската индустрија во која нема да има место за моторите со внатрешно согорување, Alfa Romeo со новиот Tonale ги следи трендовите, притоа претставувајќи две конвенционални хибридни варијанти. Двата регуларни хибриди се составени од 1,5-литарски четирицилиндрични бензински мотори во комбинација со 48-волтен електромотор. Првата верзија, онаа која ние ја имавме на располагање, испорачува 130 КС пред да се додадат 21 КС од електромоторот. Сепак, овој благ хибрид се одликува со нешто во кое е пионер, а тоа е дека функционира како класичен хибрид, бидејќи има мал електричен мотор интегриран во менувачот, искористувајќи само електрична енергија за потребите на погонот, се разбира кога не е потребно поголемо количество на енергија, па работи само на струја при паркирање, крстарење и стартување.
И покрај тоа што „алфистите“ и пуристите би можеле да бидат разочарани од фактот што Alfa Romeo одлучи да го понуди новиот кросовер без мануелен менувач – од компанијата велат дека целта е да се позиционира како премиум производ, што само по себе значи отфрлање на опцијата со три педали – Tonale може да се пофали со одлична динамика на возење и најдиректно управување во сегментот.
Врвна управливост
Иако мануелецот го нема, препознатливата DNA и понатаму е присутна, а токму во Dynamiс режимот, најдобро се чувствуваат возните динамики по кои е препознатлива Alfa. Софистицираниот систем за сопирање со функција за регенеративно сопирање е од електронски тип и дава навистина одлично, прогресивно чувство на педалот. Системите како што се динамичкото векторирање на вртежниот момент и активната суспензија на Alfa со специфична геометрија и изразена крутост придонесуваат за висококвалитетно и возбудливо возење. Исклучително добрата распределба на масата на оските и управливоста со сооднос 13,6:1, обезбедуваат забавно возење, без притоа да се прави компромис со безбедноста.
Хибридот со 130 КС со 7-брзински TCT менувач со двојна спојка и 48-волтен „P2“ електромотор забрзува до 100 километри на час за 9,9 секунди со максимална брзина од 195 км/ч.
Технолошки најнапредна Alfa досега
Како што веќе напоменавме, Alfa Romeo во 2025 година ќе лансира и целосно електрична верзија, а причината е во тоа што инженерите на италијанскиот бренд истакнуваат дека иако платформата е првично направена за автомобили со мотор на внатрешно согорување, таа може да се користи и за производство на целосно електричен Tonale во иднина и тоа е голем приоритет за нив.
Електрифицираниот погон не е единствената новина кај Alfa Romeo кога станува збор за Tonale. Имено, овој кросовер е првиот автомобил кој е опремен со NFT дигитален сертификат (non-fungible token – незаменлив токен). Базиран на „blockchain“ технологијата и поврзан на уникатен начин, NFT кај Tonale го сертифицира автомобилот при купувањето и понатаму, во текот на циклусот на користење, ја евидентира употребата на автомобилот, а главната придобивка е заштита на остаточната вредност.
Новиот Alfa Romeo Tonale сигурно ќе остави свој белег на патиштата. Супериорниот дизајн, како и напредната технологија се голема предност на италијанскиот производител, кој има голем број обожаватели на нашите простори. Исто така, достапноста на моделот ќе игра важна улога.
Цена на тестираниот модел: 55.250 евра.
Технички спецификации за Alfa Romeo Tonale 1.5 MHEV 130 DDСT Edizione Speciale:
Мотор | Euro VId-Final, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.469 cm3 |
пречник и од | 92.2 x 71.2 mm |
степен на компресија | 12.5 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, турбо, фиксна геометрија, директно вбризгување на горивото |
максимална моќ | 130 KС (96 kW) при 5.750 min/-1 |
макс. вртежен момент | 240 Nm при 1.500 min-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 7-степен автоматски менувач |
Потпирање | напред и назад Мекферсонов систем |
Сопирачки | напред вентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 235/50 R18 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.528 x 1.841 x 2.082 mm |
меѓуоскино растојание | 2.636 mm |
Растојание од подлога | 156 mm |
Тежина | 1.525 kg |
максимална тежина | 2.135 kg |
Багажник | 500/1.550 литри |
Резервоар | 55 литри |
максимална брзина | 195 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 9.6 секунди |
просечна потрошувачка | 5,7-6,2 l/100 km |
емисија на CO2 | 130-145 g/km |
Alfa Romeo Tonale во Македонија:
Alfa Romeo Tonale Super 1.6 MultijetTCT6 130 | 39.900 евра |
Alfa Romeo Tonale Super 1.5 Hybrid DCT7 130 | 39.900 евра |
Alfa Romeo Tonale Sprint 1.6 MultijetTCT6 130 | 42.900 евра |
Alfa Romeo Tonale Sprint 1.5 Hybrid DCT7 130 | 42.900 евра |
Alfa Romeo Tonale TI 1.6 MultijetTCT6 130 | 46.500 евра |
Alfa Romeo Tonale TI 1.6 1.5 Hybrid DCT7 160 | 48.800 евра |
Alfa Romeo Tonale Veloсe 1.5 Hybrid DCT7 160 | 52.500 евра |
Alfa Romeo Tonale Speсiale 1.5 Hybrid DCT7 160 | 52.500 евра |
Повеќе информации на официјалниот сајт или во продажниот салон на Alfa Romeo во Скопје.
Конкуренти:
Volvo XC40 | oд 27.790 до 53.350 евра |
BMW X1 | од 31.510 до 52.990 евра |
Audi Q3 | oд 33.700 до 53.350 евра |
Kia Sportage | oд 26.500 до 42.900 евра |
Hyundai Tuсson | oд 25.500 до 46.000 евра |
Nissan Qashqai | oд 31.400 до 45.150 евра |
Mercedes Benz GLB | од 43.000 до 54.000 евра |