Тестот за рецесија го поминаа 23-те најголеми банки во САД: Еве што значи тоа

83

Сите големи американски банки успешно го поминаа редовниот годишен тест за рецесија, се вели во соопштението на американската централна банка, ФЕД.

Во случај на негативно сценарио, кое предвидува „силна рецесија“, ниту една од 23-те тестирани банки во САД не би банкротирала и сите би успеале да го задржат минималното ниво на капитал, се наведува на веб-страницата на ФЕД.

Овогодинешниот тест се базираше на сценарио за тешка глобална рецесија со пад на цените на комерцијалните недвижности за 40 отсто, а цените на становите пад на 38 отсто, со висока невработеност и намалување на економското производство.

Доколку ова сценарио, кое, меѓу другото, предвидува стапка на невработеност од 10 отсто, се оствари, банките сепак би забележале значителни загуби од околу 541 милијарда долари, се додава во соопштението на ФЕД.

– Резултатот покажува дека банкарскиот систем во САД е силен и издржлив – изјави Мајкл Бар, заменик-претседател за супервизија на ФЕД.

Истовремено, тој истакна дека овој тест е само еден начин да се измери силата на банките и повика на понатамошна работа и претпазливост во однос на можните ризици.

Фото: Pexels