
Денес, извршниот директор на најголемата светска група луксузни брендови LVMH, Бернар Арно, го нарече авторот на предлогот за оданочување на супербогатите во Франција, економистот Габриел Зикман, екстремно левичарски активист кој сака да ја уништи либералната економија.
– Не можеме да ги разбереме ставовите на Зикман ако не се сетиме дека тој е првенствено екстремен левичар. Како таков, тој ја става псевдоакадемската компетентност во служба на својата идеологија, чија цел е уништување на либералната економија, што е многу дискутабилно – рече Арно, пренесува Фигаро.
Според предложените даночни мерки, средствата од над 100 милиони евра би се оданочувале со стапка од два проценти годишно, што би се однесувало на 1.800 даночни обврзници.
Новите даночни мерки, кои беа критикувани особено од политичките позиции на центарот и десницата, како и од деловните кругови, беа силно поддржани од левицата, која ги гледа како инструмент за пофер оданочување.
Бернар Арно и неговото семејство се седми најбогати во светот и најбогати луѓе во Франција, според податоците од списанието „Форбс“, а нивниот имот беше проценет на 154 милијарди долари во септември, потсети „Фигаро“.











