Тиквеш заврши со исплатата на откупеното грозје

49

tikves

Винарската визба Тиквеш и оваа година, во рамки на предвидениот законски рок, ја исполни обврската за исплата на откупено грозје од последната берба. За преземените 18 милиони килограми грозје од бербата во 2014-та година на лозарите – партнери на Тиквеш, заклучно со 30-ти април, исплатени им се вкупно 250 милиони денари, соопштуваат од компанијата.

Иако неповолните временски услови имаа значајно влијание на квалитетот на грозјето, сепак Тиквеш успеа да обезбеди квалитетна суровина за производство на вино при што задржано е високо ниво на просечна цена од 14 денари за килограм грозје, а воедно исплатен е и дополнителниот бонус за екстра квалитетното грозје.

“И во годината која заради временските неприлики, беше исклучително тешка за лозарството и домашната винска индустрија, Тиквеш остана доследен на својата определба да гради долгорочен партнерски однос со лозарите кој овозможува стабилно снабдување со квалитетно грозје кое е основа за создавање на врвни вина. Ова уште еднаш јасно го покажуваат откупените количини, постигната цена, како и навремената исплата на откупеното грозје“, вели генералниот директор на винарската визба Тиквеш, Игор Илиевски.

Винарската визба Тиквеш е целосно посветена на континуирано унапредување на соработката со лозарите, како една од нејзините стратешки развојни цели. Во таа насока, Тиквеш и оваа година ќе продолжи, преку најразновидни активности, стручни совети и едукација на лозарите за примена на современи агро – технички методи и практики во одгледување и заштита на лозовите насади, да креира услови за производство на грозје со одличен квалитет. Доколку лозарите ги почитуваат насоките и упатствата, Тиквеш го гарантира откупот на грозјето со висок квалитет и обезбедува дополнителен бонус при исплата на тоа грозје.

Исто така, во зависност од квалитетот на грозјето, Тиквеш планира зголемување и до 20% на откупените количини од годинешната берба, што е во согласност со развојните планови на винарницата за зголемување на пласманот на вино, пред сè на странските пазари.