Тило Куш стапи на функцијата главен извршен директор на Македонски Телеком

46

CEO Thilo KuschГосподинот Тило Куш од вчера стапи на функцијата главен извршен директор на Македонски Телеком АД-Скопје, а во исто време ја превзеде и функцијата Претседател на Одборот на директори на Т-Мобиле Македонија.

Тој доаѓа во Македонија од позицијата главен директор за финансии во Маѓар Телеком, каде оваа функција ја извршува од септември 2006 година. Од 2006 година, тој е член на Одборот на директори во Маѓар Телеком.

Куш се приклучува на Дојче Телеком Групацијата во 2001 година како Виши директор одговорен за подготовка на први јавни понуди и односи со инвеститори на T-Mobile International. Од април 2002 година бил на позицијата Виши извршен заменик претседател на Дојче Телеком, одговорен за односи со инвеститори.

Во рамките на својата богата кариера, Тило Куш од 1989 до 1992 година успешно основал и водел сопствена компанија за продажба на ИТ решенија за приватни и мали деловни корисници. Од 1992 до 1998 година работел за консултантската компанија Arthur D. Little каде што раководел со услугите за телекомуникации, ИТ, медиуми и забава, а од 1998 до 2001 година бил директор во Dresdner Kleinwort Wasserstein, инвестициска банка на водечка позиција според својот бизнис за телекомуникациски услуги и услуги поврзани со акционерски капитал.

“Македонски Телеком ја има најдобрата мрежа, најдобрите услуги во индустријата и одлична корисничка база како резултат на иновативните производи. Ќе продолжиме со инвестиции за да обезбедиме сигурна иднина на компанијата, со што ќе ја потврдиме нашата позиција на најголем инвеститор во државата од една страна, а ќе ја помогнеме и зајакнеме македонската економија од друга страна. Нашата цел е да бидеме не само најдобра и најуспешна компанија, туку со своитe дела да оставиме траен белег во општеството. Затоа, како лидер на пазарот, Македонски Телеком ќе остане фокусиран и посветен на промени, ќе биде носител на иновации и нови технологии. Македонски Телеком нема да отстапи од својата досегашна определба – ќе обезбедуваме само оригинални решенија и услуги според највисоки стандарди за квалитет, прилагодени според потребите на корисниците. Убеден сум дека Македонски Телеком заедно со Т-Мобиле ќе останат препознатливи како фер и достојни играчи во бизнис заедницата, компании кои вложуваат во различни општествени сегменти за доброто за сите граѓани во Македонија”, изјави господинот Куш.

Lazar PopovskiОд вчера, функцијата главен директор за човечки ресурси во Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија ја извршува Лазар Поповски.

Тој на новата позиција во Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија доаѓа од местото директор на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.