Тим Кук: Постојаното „скролање“ е лошо за вашето ментално здравје

139

Компанијата управувана од Тим Кук можеби направила телефони или лаптопи на многу луѓе, но главниот извршен директор на Apple вели дека е загрижен за времето што го поминуваат пред нивните екрани.

„Ако лудо „скролате“ или дозволувате негативноста да ве обземе, мислам дека тоа е лошо“, рече Тим Кук (61) за CNBC. „Мислам дека тоа е лошо за вашето ментално здравје и за луѓето околу вас“.

Делумно благодарение на iPhone, приближно половина од светската популација – 3,8 милијарди од 7,9 милијарди луѓе – користат некаква форма на социјални медиуми, според извештајот за 2020 година на платформата за управување со социјалните медиуми Hootsuite. Овие корисници поминуваат најмалку 2 часа и 24 минути дневно „лизгајќи“ низ апликации како Instagram и TikTok.

Студиите ја потврдуваат загриженоста на Кук. Истражување од 2016 година на Националниот институт за ментално здравје на САД, на пример, покажа дека зголемената употреба на социјалните медиуми од страна на луѓе на возраст меѓу 19 и 32 години е значително поврзана со зголемена депресија.

Apple, се разбира, продава многу уреди кои обезбедуваат можност за ова лудо „скролање“, а Кук вели дека е работа на неговата компанија да им помогне на потрошувачите да сфатат колку често зјапаат во нивните екрани.

Ова е логиката на апликацијата Screen Time претставена во 2018 година од компанијата, која на корисниците им покажува колку време поминуваат со својот iPhone, iPad и iPod touch, вели Кук.

Забелешките на Кук оваа недела може да се гледа како уште еден истрел во неговата тековна војна со Facebook, кој е сопственик на Instagram и други платформи, и против извршниот директор на компанијата – Марк Закерберг.

Facebook неодамна беше критикуван за негативниот ефект на неговите платформи врз менталното здравје на корисниците, а Кук со години јавно се бори со Facebook на теми како што е приватноста.

За Кук, живеењето живот на поврзаност може да биде позитивно ако може човек редовно да се исклучува и да се „полни“. Иронично, многу апликации имаат за цел да им помогнат на корисниците да го постигнат токму тоа – од апликации за медитација како Calm и Headspace до Shine – апликација за ментално здравје за која Кук кажа добри работи во интервјуто за Bustle.

За време на истиот разговор, Кук истакна дека неговите лични механизми за справување со стресот вклучуваат поминување многу време на отворено.

„Мојата медитација е да бидам во природа“, вели тој. „Кога сте надвор, во природа и се чувствувате како толку мал дел од светот, многу од проблемите изгледаат малку помали“.