ТИРЗ лани со раст на извозот од 26 отсто

27

Вкупниот обем на извозот на компаниите во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во 2022 година е 3,75 милијарди евра или за 26 отсто повеќе отколку во претходната 2021 година кога растот беше 14 отсто. Првпат во третиот квартал од 2022 година беше надминат прагот од една милијарда евра извоз, а во сите четири квартали извозот се движи над 850 милиони евра, информира денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски.

При тоа, како што кажа на денешната средба со новинарите, увозот во ТИРЗ во 2022 година достигна до 3,37 милијарди евра и е за 16 отсто повисок отколку во 2021 година, но има помала динамика на раст од извозот.

-Ова е неспоредливо најдобар резултат во однос на сите претходни години во работењето на зоните. Годината ја завршивме и со нето ефект на извозот и увозот од над 10 проценти. Тоа се пари кои се останати во домашната економија. Првичните пресметки велат дека 40 отсто од овие средства се останати и во буџетот и во џебот на над 16 300 наши сограѓани кои работат во овие компании, рече Деспотовски и додаде дека само во 2022 има над 2.300 нови работни места во ТИРЗ.

Разликата меѓу извозот и увозот од зоните, посочи, е 370 милиони евра, пари кои реално останале во државата. Во зоните работат, како што рече, 16 300 вработени со бруто плата по работник од околу 10.000 евра годишно што значи дека околу 40 проценти од нето извозот од 370 милиони евра останал во државата или околу 160 милиони евра од кои на име на придонеси за плати во државната каса се прелеале околу 30 отсто или 50 милиони евра. Податоците, додаде, ќе бидат попрецизни по објавувањето на завршните сметки за 2022 година. Исплатата на државна помош до фирмите во ТИРЗ, во 2022 година, прецизира, беше околу 750 милиони денари, а само по основ на придонеси има приходи од околу три милијарди денари.

-Тоа покажува дека имаме многу здрав сооднос на исплатени и приходувани пари. За секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат четири денари. Имаме и зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет и зголемена додадена вредност. Очекувам дека и годинава ќе продолжи забрзан раст на работни места и нови инвестиции, посочи Деспотовски.

Технолошко-индустриските развојни зони 2022 година ја завршија со над 430 милиони евра нови инвестиции, а во завршна фаза на разговори се повеќе инвестиции од над 200 милиони евра.