ТИРЗ со мерки за штедење на електрична енергија

83

ТИРЗ започна со редукција на уличното осветлување во делови од ТИР Зоните низ државата, а целосно се исклучени и надворешните светлечки табли во Дирекцијата, како придонес во надминувањето на кризната состојба во енергетскиот сектор.

Редуцирањето на уличното осветлување се прави во соработка и консултација со компаниите во Зоните и се применува во одредени делови за кои се смета дека осветлувањето не е неопходно и нема да го наруши нивното функционирање. Оваа мерка ќе се спроведува за време на триесетдневната кризна состојба прогласена од Владата.

Дирекцијата на ТИРЗ, како општествено одговорна институција, сака да ги да ги поттикне и останатите институции во земјата да го следат ваквиот конкретен пример на солидарност во справувањето со енергетската криза. Истовремено ТИРЗ апелираше и до компаниите во Зоните да се приклучат кон оваа иницијатива за заштеда на електрична енергија со цел заеднички да придонесеме кон поефикасно надминување на енергетската криза со која се соочува земјата. Веруваме дека со ваквата постапка ТИРЗ ќе ги мотивира и сите сограѓани за рационално искористување на електричната енергија во претстојниот период.

Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 09.11.2021 година донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена со цел успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енергетска криза.