​ТИРЗ со поддршка на младински организации за отворање нови можности за работа на младите

9

Со конкретни активности и мерки ТИРЗ ќе го поддржи проектот на повеќе младински организации  чија цел е намалување на младинската невработеност и отворање можности за компаниите да инвестираат во развој на соодветните вештини и знаења на вработените.

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски на средбата со претставниците на Младинскиот сојуз од Крушево и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), повеќе младински организации и претставници на клубот40 на Стопанската комора изјави дека ваквата соработка и програми ќе придонесат младите да останат во земјава.

„Пописот, но и бројни релевантни истражувања покажуваат дека, младите од земјава во дури две третини се изјаснуваат дека прва опција за работа им е да се иселат од дома и своето работно место по секоја цена да го најдат во странство. Токму поради ова мора брзо и со конкретни мерки да се работи на менување на ваквата свест и да им се овозможиме на младите овде, дома да ги развиваат своите вештини кои ќе им донесат високоплатени работни места.”

Деспотовски посочи дека ТИРЗ веќе развива нов концепт #Добра работа чија цел е поттикнување на раст на добро платени работни места во компаниите во зоните преку поддршка на развој на вештини кај младите неопходни за бараните високоплатени професии. Во рамки на овој концепт се развиваат и механизми за поголема мобилност на трудот во националната економија, креирање на единствен и реален пазар на труд и целосно отворање на пазарот на труд кај компаниите во ТИРЗ.

Целта на ТИРЗ е поттикнување на професии и нови работни места со додадена вредност, кои носат повисоки плати за секој вработен, а кои се според потребите на високотехнолошките компании кои работат во Зоните.

На средбата беше договорено ИДУЕП и Младински сојуз да достават и конкретни предлози до ТИРЗ, а потоа да се потпише и меморандум со кој ќе се дефинира меѓусебната соработка. Дирекцијата за ТИРЗ на младинските организации им нуди просторни услови, логистика и друга потребна поддршка со цел уште поуспешно спроведување на проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес” кој е финансиран од страна на Европската Унија. Соработката на ТИРЗ со ИДУЕП и Младинскиот сојуз има потенцијал да се прошири и во повеќе слични области, истовремено и со повеќе партнерски организации, надлежни државни институции, стопанските комори, универзитетите и други научни институции.

Проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат вештини денес” се имплементира од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и има за цел подигање на јавната свест и креирање конкретни препораки за надминување на проблемот со младинска невработеност, детектирање какви младински профили му се потребни на пазарот на труд, но и како компаниите да инвестираат во развој на соодветните вештини и знаења на вработените. Овој проект е субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац”, Младинскиот сојуз и 3 партнерски организации од регионот, а финансиран од Европската Унија.