
По повод две години успешна работа на Дирекцијата за технолошки индусриски развојни зони, денес од страна на директорот Гоце Димовски и министерот Тимчо Муцунски беа презентирани клучните резултати и достигнувања, како и стратешките приоритети за наредниот период.
Директорот Гоце Димовски ги истакна постигнатите резултати на Дирекцијата за ТИРЗ, при што посочи дека сериозниот пристап и континуираната работа даваат конкретни и сериозни резултати.
„Во изминатиот период од две години успеавме да изградиме институција која функционира врз принципите на отчетност, професионалност и одговорно управување. Потврда за тоа е и најновиот извештај на државната комисија за спречување на корупцијата за 2025 година, според кој Дирекцијата за ТИРЗ е оценета со 85 проценти усогласеност со стандардите за имплементација на системот на интегритет, што нè позиционираше на високото 2-ро место, меѓу најдобро рангираните државни институции во државата.“ – изјави тој.
Димовски во своето обраќање посочи дека покрај институционалното зајакнување, значителен напредок е постигнат и во делот на привлекувањето нови инвестиции со висока додадена вредност, современи технологии и со бројни можности за развој.
„Во текот на овие две години беа започнати и реализирани нови инвестициски циклуси во вредност од 300 милиони евра кои ќе отворат над 3000 работни места и кои значително ќе го зголемат извозот од државата. Ова претставува потврда дека довербата во државата, во институциите и во економските политики расте. Дополнително, три мултинационални компании веќе имаат донесено интерна одлука за нови инвестиции во рамките на ТИР зоните. Согласно нивните бизнис планови се очекува вкупната вредност на овие инвестиции (вклучувајќи ги сите фази заедно) да достигне 200 милиони евра и кои треба да креираат нови 1500 работни места.“ – додаде тој.














