Точки и линии

80

vrata

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Стареам, и тоа според многу показатели. За некои показатели можам да зборувам, а за некои од нив треба да прашате некои други луѓе. Во групата на оние за кои можам да зборувам спаѓаат модерните технологии на комуницирање. Имам „паметен телефон“ ама го користам само за телефонски повици и за емаил. Моите деца неодамна ме научија како да го користам и за други намени – вајбер, скајп и слично. Имам неколку компјутери, ама ги користам строго за работа. Значи станувам диносаурус, сорта во изумирање. Како таков, веројатно не би можел да се снајдам во модерните компании: информациите стануваат една од најважните компоненти, а јас сум неандерталец во таа област.

Сфаќам дека информациското поврзување на компанијата со остатокот од светот и информациското поврзување меѓу членовите на компанијата стануваат пресуден фактор. Знам дека модерните менаџери значителен дел од нивното време го трошат во организирање на огромното количество информации кои се генерираат непрекинато. До тука сé е во ред. Ама, од друга страна, за да бидат во можност да организираат информации, прво треба да ги соберат (овде велат “In order to connect the dots, you must first collect the dots”). Односно, собирање на точки и нивно поврзување со линии. Со други зборови, ова е шпионажа. Како екстерна (за конкуренцијата и клиентите) така и интерна (за вработените во компанијата). Тука се отвора Пандорината кутија – дали е оправдано и етично да се собираат информации. Веројатно никој не го осудува екстерното шпионирање. Ама кога менаџерите прибираат информации за своите колеги и вработените, тогаш сигурно ќе има поларизација – некои го одобруваат, а некои го критикуваат. Мојот став кон прашањето за прибирање информации за вработените е јасен: доколку некој користи услуги од трето лице (телефон, емаил или социјална мрежа), преќутно е свесен и согласен дека информациите пренесени преку тоа трето лице можат да бидат искористени во една или друга цел. Точка, немам дилеми. Доколку не сакам некоја информација да биде злоупотребена, ќе го викнам другиот учесник во комуникацијата на кафе и ќе му кажам во очи. Ако некој објави приватна информација или фотографија на својата Facebook страна, повеќе од сигурно е дека сака таа информација да биде прочитана или видена од некого. Ако некоја жена не сака да слушне од други дека изгледа добро, нема да се дотерува.

Вработените во една компанија имаат на располагање богат арсенал од комуникациски алатки: телефон, емаил и социјални мрежи. Само последната е доволна да се исцрта богатство од точки и линии, поединци и релации.

zvonko

Не велам дека менаџерите треба да следат сé што прават нивните колеги, нивните надредени и нивните подредени. Сигурно е дека има многу информации кои се тотално ирелевантни за компанијата. Ама има и такви кои се и тоа како релевантни и можат да имаат критична важност дури и за опстанокот на компанијата. Пред неколку години, додека бев во тим на консултанти на една јапонска компанија, еден менаџер изрази сомневање дека еден од неговите подредени комуницира со конкурентска фирма преку неговиот приватен емаил. Решија дека треба да го следат, имплантираа некој софтвер и по неполн месец собраа доволно податоци дека тој оддава тајни на конкуренцијата. Не знам што точно се случи, ама верувам дека човекот плати соодветна цена за неговите акции. Скоро во истиот период се случи огромниот сметководствен скандал во Olympus (производителот на фотоапарати), повторно заснован врз слични нешта.

Намерата не ми е да полемизирам околу етичките аспекти на собирање и употреба на информации во компаниите. Ама она што со сигурност го знам е дека сé повеќе компании воведуваат ново поглавје во нивните интерни правилници: информации. Оваа проблематика е особено чувствителна во компаниите кои се занимаваат со производство на софтвер или со напредни технологии. Договорите за работа во овие компании (независно дали се работи за менаџери или вработени) до најситни детали покриваат што и како луѓето можат да комуницираат со други, во и надвор од просториите на компанијата. Како растат можностите за комуницирање, така растат и опасностите по компаниите. Затоа, како превенција, компаниите се трудат да ги предвидат сите истекувања на информации и навремено да ги санкционираат. Верувам дека и нашите компании, особено оние понапредните, се во овој филм.

Што ти се времиња: кога бев помлад, компаниите се фокусираа на делот од нивните правилници наречен Јавно покажување на чувства (PDA, односно Public Display of Affection) – што е дозволено и што не е дозволено во работното опкружување. Дали смееш на колешка да кажеш „Денес изгледаш многу секси“ или не. Сега работите се менуваат – правилниците се преполни со одредби околу Јавното изнесување на информации. Дали смееш да кажеш на колешка „Многу ми се допаѓа начинот на кој програмираш“ или не смееш – бидејќи тоа веќе мириса на корпоративна шпионажа.