Toyota Motor Corporation го намали своето целно годишно производство за уште половина милион возила поради недостаток на чипови и болест на вработените заразени со Ковид.
Компанијата ќе произведе 8,5 милиони возила во фискалната година што завршува на 31 март, што е под претходно планираните девет милиони, соопшти најголемиот светски продавач на автомобили, кој забележа пад на оперативната добивка од 21 отсто во последните три месеци од 2021 година, пренесува Ројтерс.
„Не очекуваме брзо да се реши нерамнотежата на пазарот на чипови, а понатамошниот тек на пандемијата на корона вирусот е непредвидлив. Веруваме дека неизвесностите ќе продолжат и во следната деловна година“, изјави за новинарите официјален претставник на Toyota.
Како и другите големи светски производители на автомобили, Toyota, која очекуваше да произведе 9,3 милиони возила на почетокот на деловната година на компанијата, беше принудена да го намали производството бидејќи пандемијата Ковид направи хаос во глобалниот синџир на снабдување. Ова ја принуди компанијата да ги намали трошоците за производство за да „извлече“ поголем профит по возило.











