Тојота продаде 5,1 отсто повеќе возила

76

Јапонскиот производител на автомобили Тојота соопшти дека продал 5,1 отсто повеќе возила во првата половина на 2023 година во споредба со истиот период претходната година, помогнато со олеснување на ограничувањата за снабдување со полупроводници и особено посилната побарувачка во Јапонија.

Компанијата продаде околу 4,9 милиони возила ширум светот во шесте месеци до јуни, вклучувајќи го и својот луксузен бренд Lexus, во споредба со околу 4,7 милиони возила во истиот период во 2022 година, пренесува Ројтерс.

Продажбата на Тојота во Јапонија скокна за 33,2 отсто на 878.215 единици во периодот од претходната година, додека продажбата во САД падна за 0,7 отсто на нешто повеќе од милион возила, а во Азија за половина отсто на околу 1,5 милиони единици.

Во јуни, глобалната продажба се зголеми за десет отсто на 898.947 единици, благодарение на зголемената побарувачка, вклучително и за електрифицирани возила како што се хибридите, на клучните пазари како што се САД и Европа.

Продажбата во Кина во јуни забележа пад од 12,8 отсто на годишно ниво. Во периодот од јануари до јуни, продажбата во Кина паднала за 2,8 отсто.

Глобалната продажба на хибридни електрични возила се зголеми за 37,6 отсто на годишно ниво, на 292.131 единици, што претставува нешто помалку од една третина од вкупниот број продадени возила ширум светот минатиот месец.

Во јуни, Тојота продаде 10.191 електрични возила со батерии ширум светот, вклучувајќи го и својот бренд Lexus, со што вкупниот број на возила на батерии продадени во првата половина на 2023 година достигна 46.171 единици.