Толеранција

161

tolerancija

Фото: Pixabay

„Ако сакаме да научиме да бидеме толерантни,

 непријателот ќе ни биде најдобар учител“

– Далај Лама

Едно од најсилните оружја во конфликтите помеѓу луѓето е нетолерантноста. Контекстот во кој чувствуваме дека „сме приморани да го трпиме злото“ значајно има влијание врз целокупната наша личност и лесно нѐ прави избувливи, бунтовни, неприлагодени, но и нереализирани. Отвореното меѓусебно препирање поради различни ставови може да нанесе уште поголема штета, а се занемарува заедничката мисија и визија на компанијата која сите ги штити „под иста капа“.

Да бидеме толерантни не значи постојано да се согласуваме со останатите, туку да умееме да ги разбереме нивните гледишта и да бидеме неагресивни. Кога сме задоволни од самите себе, кога се почитуваме, вреднуваме и имаме доволно информации, тогаш лесно ни оди да бидеме и толерантни.

Зачетокот на добриот меѓуколегијален однос се наоѓа во активното слушање. Ако однапред во нас донесеме несвесна одлука дека не прифаќаме туѓо мислење, тогаш воопшто и не е битно што другиот ќе каже. Одлуката е да не го слушнеме. Сепак, со малку свесност и желба за соработка, можеме да ја увидиме значајноста на овој сегмент, а тоа е: да му дозволиме на другиот да се искаже. Да слушаме претставува однесување кое во моментот го применуваме, но да го чуеме истото е процес кој од нас бара да се вклучиме мисловно и да го процесираме тоа што го слушаме. Само на тој начин покажуваме подготвеност за добро решение.

Следната фаза е да разбереме што другиот сака да каже. Велам следна бидејќи ако не сме чуле, не сме во можност ниту да разбереме. Земајќи ги во предвид причините и аргументите за кажаното, ние се обидуваме да разбереме зошто и со каков план другиот го има својот став. Разбирањето може да ни помогне да го прошириме и сопственото гледиште, па да направиме нов, надополнет концепт.

Последна фаза е стадиумот на прифаќање. Тоа не значи дека се согласуваме со соработникот за неговите ставови, туку дека го прифаќаме како човек со кој заедно работиме и човек кој има право на сопствено мислење. Прифаќањето на другите не претставува никаква тешкотија доколку сме сигурни во себе и доколку тоа не го чувствуваме како атак врз нашата личност. Доблеста да прифатиме некој со чие мислење не се согласуваме нас нѐ прави посамоуверени и задоволни од животот.

И да беше вака едноставно како погоре кажаното, сега воопшто и не ќе имаше смисла да зборувам за потребата од толеранција.

Да се биде толерантен однапред укажува на тоа дека не ни се допаѓа она што другиот го зборува, мисли или прави. Во спротивно не би имале потреба да сме толерантни, би се согласиле од самиот почеток. Можеби не е наша обврска да бидеме толерантни, но во секој случај тоа е наша привилегија. Само така можеме да размислуваме прецизно, трезвено и свесно во правец на фактите, а фактите се дека никој не знае доволно за да има право на другите да им суди.

Нетолерантноста произлегува од внатрешни стравови поврзани со самодовербата: Што ако помислат дека сум глупав; Ако не се развикам ќе помислат дека не сум сигурен и се повлекувам; Не смеам да дозволам тој да е во право, ќе ја изгубам моќта и сл. Но, сите овие стравови ни ја заматуваат бистрата мисла и светлината на интелигенцијата. Тие се само наши и имаме должност да ги разрешиме со самите себе. Покрај сѐ, тие се лесно забележливи за другите кои се во околина и се изложени на нашето однесување. Истовремено, немаме право да сме вербално агресивни кон соработниците, токму поради постоење на ваквите стравови.

„Толеранцијата не подразбира

недоволна посветеност на сопствените уверувања,

таа подразбира осуда на репресијата и прогонувањето на луѓето“

 – Џон Кенеди

За крај, неопходно е да се познаваме себе и да се самоконтролираме, односно да бидеме толерантни кон нешто со што не се согласуваме. Ваквиот стил на негување на добри меѓучовечки односи може да премине во навика и ќе ни отвори нови способности за решавање на проблемите на кои наидуваме, сѐ со цел, да си направиме сигурно место во работата која сме ја одбрале.