Топ 10 најбогати клубови: Доминација на Шпанците и Англичаните во светскиот фудбал

Реал Мадрид остана клуб со најголема заработка во светскиот фудбал и во сезоната 2024/25, додека Ливерпул за прв пат оствари најголеми приходи во Премиер лигата, според годишниот финансиски извештај на ревизорот Делоит објавен во четврток.

Шпанскиот клуб е на врвот на листата на приходи од фудбал со 1,16 милијарди евра (1,36 милијарди долари) и покрај тоа што не ја освои ниту Ла Лига ниту Лигата на шампионите. Единствениот клуб што заработи повеќе од милијарда долари во последните две сезони, Реал Мадрид, во сезоната 2024/25, имаше пораст од 23 проценти во комерцијалните приходи на 594 милиони евра, покажаа податоците на „Делоит“.

Барселона, актуелниот шпански шампион, е втора по заработка со 975 милиони евра, враќајќи се меѓу првите три за прв пат по пет години. Германскиот шампион Баерн Минхен го освои третото место со 861 милион евра, пред победникот на Лигата на шампионите, Париc Сен Жермен, кој заработи 837 милиони евра.

Петтото место на Ливерпул на глобалната листа на најпрофитабилни клубови, со 836 милиони евра приходи од сезоната во која ја освоија Премиер лигата, е најдобриот резултат од кој било англиски клуб во 29-годишната историја на рангирањето. Манчестер Сити падна на шестото место со 829 милиони евра, а по него следува лидерот во Премиер лигата оваа година, Арсенал, со 822 милиони.

Манчестер Јунајтед, кој минатата сезона заврши на ниско 15-то место во Премиер лигата, падна од четвртото на осмото место по приходи со 793 милиони евра. Меѓу првите 10 се уште два клуба од Премиер лигата – Тотенхем е деветти со 673 милиони евра, а Челзи е десетти со 584 милиони.