Toyota ќе нуди бесплатен пристап до своите патенти за хибридни автомобили

46

Јапонскиот производител на автомобили Toyota ќе понуди бесплатен пристап до речиси 24.000 свои патенти за хибридни возила.

Праксата ќе продолжи до 2030 година, со цел да ја зголеми употребата на технологија со пониска емисија на штетни гасови, дури и кога глобалната индустрија се префрла кон целосно електрични автомобили.

Патентите се однесуваат на изуми во последниве 20 години, вклучувајќи ја и технологијата зад моделот Prius, првиот хибриден автомобил за масовно производство.

Меѓу другото, тука спаѓаат и патенти за горивни ќелии, електрични мотори, единици за контрола на моќност, системски контроли, кочници и слично.

Овој подвиг на Toyota се темели врз верувањето дека хибридите се ефикасна алтернатива на целосно електричните автомобили.

Автомобилите на Toyota се застапени со 80% на глобалниот пазар на хибридни возила.

Фото: Pixabay