Toyota подготвува електрични автомобили со рачен менувач

Иднината на електричните возила на јапонската компанија изгледа многу возбудливо. Покрај напредокот во перформансите, опсегот и ефикасноста, нивните автомобили од иднината би можеле да имаат нешто од минатото. Toyota аплицираше за патент за рачен менувач кај електричните автомобили, а оваа иновација би можела да ја доближи електрификацијата до љубителите на традиционалното возење.

На денешниот пазар на електрични автомобили, менувачите практично не постојат. Кај автомобилите на Tesla нема промена во брзината и се работи за едностепена трансмисија. Електричните автомобили Porsche и Audi користат два степени на трансмисија, за подобра реакција при поголеми брзини. Освен за овие две марки, трансмисиите навистина немаат место во модерните електрични автомобили.

Toyota планира да го промени ова. Во пријавата за регистрација на патент, јапонската компанија создаде традиционален рачен менувач кој се активира со притискање на педалата на куплунгот, со слична рачка на менувачот како што видовме кај спортскиот модел GR86. Нивното објаснување е дека „конфигурацијата на автомобилот е прилагодена така што вртежниот момент на електричниот мотор се контролира врз основа на влезот преку педалата за гас, псевдо-педалата за куплунгот и положбата на псевдо-менувачот“.

Зборот псевдо е интересен додаток на оваа изјава бидејќи алудира на фактот дека целиот менувач е дизајниран за забава во возењето и воопшто не е потребен за автомобилот да функционира нормално. Сепак, според челниците на Toyota, брзината на реакција при менување на брзините треба да влијае на перформансите на самиот електричен мотор.

Сето ова значи дека идните електрични автомобили на Тојота би можеле да имаат симулација на рачен менувач што ќе биде многу слично прилагодена на најновите спортски автомобили на јапонската компанија. Оваа идеја на јапонската компанија би можела да ги доближи и најголемите традиционалисти до идејата да поседуваат електричен автомобил.