Јапонска Toyota минатата година продаде 9,98 милиони автомобили и најави дека во 2014 година планира да стане првата компанија која ќе ја пробие границата од 10 милиони продадени автомобили во една година. Целта им е годинава да продадат 10,32 милиони автомобили.
Со овие цифри Toyota за 2013 година е пред американски General Motors со 9,7 милиони продадени возила и Volkswagen, со продадени 9,5 милиони.
Toyota минатата година беше особено успешна на кинескиот пазар, каде оствари раст на продажбата од 9% и во САД, 7%. На европскиот пазар продаде 848.000 автомобили, што е за 1% повеќе од 2012 година.
General Motors беше прв по продадени автомобили во светот повеќе од 70 години, се до 2008 година, кога на првото место застана Toyota. Со исклучок на 2011 година, кога имаше проблеми во производството поради земјотресот и разорното цунами, Toyota се уште ја држи истата позиција.