Трамп ѝ даде рок на ЕУ до јули да ги исполни своите обврски од трговскиот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакнувајќи дека поставил рок до почетокот на јули за Европската Унија да ги исполни своите обврски од трговскиот договор со Соединетите Американски Држави, во спротивно САД ќе ги зголемат царините кон ЕУ.

„Трпеливо чекав ЕУ да ги исполни своите обврски од историскиот трговски договор што го потпишавме во Шкотска, најголемиот трговски договор досега. Ми беше ветено дека ЕУ, според договорот, ќе ги елиминира сите царини кон САД. Се согласив да ѝ дадам (на фон дер Лајен) рок до 250-годишнината од основањето на нашата земја да ги исполни своите обврски, во спротивно, за жал, царините ќе бидат зголемени многукратно“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Тој додаде дека се согласува со фон дер Лајен дека Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје.
„Се согласивме дека режим кој ги убива сопствените луѓе не смее да контролира бомба која убива милиони“, рече американскиот претседател.

Фон дер Лајен во среда ги отфрли заканите на Трамп за зголемување на царините за европските автомобили, предупредувајќи го Вашингтон да се држи до трговскиот договор постигнат со Брисел.

Соединетите Американски Држави ќе ја одбележат 250-годишнината од основањето на земјата на 4 јули, пренесува Танјуг.