
Светскиот економски форум (СЕФ) ќе го одржи својот годишен состанок во Давос во 2026 година во неделата од 19 јануари. Тоа ќе биде 56-то издание на овој настан, кој од 1971 година редовно се организира на крајот на јануари во швајцарскиот алпски град и собира повеќе од 2.000 лидери, од шефови на држави и влади, до директори на најголемите компании, до академици и јавни личности. Како и во претходните години, одржливоста ќе биде една од клучните теми.
Официјалната тема на Давос 2026 е „Дух на дијалог“ за да се поттикне разговор и соработка меѓу лидерите од различни индустрии, региони и генерации. Во текот на 2025 година, темелите на темите што ќе доминираат во Давос веќе се поставени преку разни состаноци на СЕФ. Особено важни беа „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој“, одржани во септември во Њујорк, паралелно со Генералното собрание на ОН и Неделата на климата, објавува списанието „Sustainability“.
Главните економисти на СЕФ предупредија во својот извештај од септември 2025 година дека 72 проценти од нив очекуваат глобалната економија да ослабне во 2026 година, поради трговски нарушувања, несигурни политики и забрзување на технолошките промени. Повеќето веруваат дека овие превирања се структурни, а не привремени, и ќе ги променат тековите на енергија, технологија, трговија и глобални институции на долг рок. Се очекува и зголемена дивергенција во стапките на раст меѓу развиените и земјите во развој.
Настапот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој треба да зборува во Давос на 21 јануари, привлекува големо внимание. Неговата администрација ќе има силно присуство во текот на целиот собир. Трамп најави дека ќе разговара за домашни прашања како што е кризата со достапните станови во САД, но и за меѓународни прашања, земајќи ја предвид ситуацијата во Венецуела, неговите најави за Гренланд и ситуацијата на Блискиот Исток. Исто така, можно е да ги објави деталите за втората фаза од прекинот на огнот во Газа. Во Давос ќе го придружуваат клучни членови на неговата администрација, вклучувајќи ги министрите за финансии, трговија и енергетика, како и специјален пратеник за Блискиот Исток, објавува National News.
Покрај главниот конгресен центар на СЕФ, САД ќе имаат свој простор во Давос. Главното место за состаноци ќе биде „Светилиштето“, историска црква трансформирана во место за состаноци на политичари, бизнис лидери и иноватори. Тука е и „Куќата на САД“, официјалниот американски центар, украсен во патриотски дух по повод 250-годишнината од Декларацијата за независност, со слоганот „Америка се врати“. Меѓу спонзорите се големи компании како што се „Мајкрософт“, „МекКинзи“ и неколку технолошки и финансиски фирми.
За време на дискусиите за геополитиката и економскиот раст, Давос ќе истражи како може да се обнови меѓународната соработка во свет каде што нормите се оспоруваат, сојузите се затегнати, а довербата е еродирана. Идејата е да се пронајдат нови модели на соработка што можат да отворат простор за напредок дури и додека се менуваат претходните разбирања за безбедноста, суверенитетот и глобалната поврзаност, беше објавено на официјалниот портал на СЕФ.











