
Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на 100-процентна царина за генерички лекови увезени во Соединетите Држави, почнувајќи од август 2028 година, со цел враќање на фармацевтското производство во земјата.
Според планот што Трамп го објави на социјалната мрежа Truth Social, генеричките лекови ќе бидат ослободени од царински давачки уште две години од 1 август 2026 година. После тоа, ќе се применува царина од 100 проценти во текот на една година, а потоа ќе се зголеми на 200 проценти.
– Ова се прави со цел да се врати производството на генерички лекови во Америка, а воедно да се казнуваат компаниите што ќе одлучат да не градат производствени капацитети и да не набавуваат опрема во Соединетите Држави во текот на наведениот период – рече Трамп, пишува Politico.
Функционер на Белата куќа изјави дека администрацијата има намера да воведе царини со примена на член 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година, кој дозволува ограничување на увозот кога се проценува дека зависноста од странски производи ја загрозува националната безбедност.
Администрацијата на Трамп сè уште не објавила формална одлука за спроведување на објавените царини.
Министерството за трговија на САД претходно спроведе истрага за влијанието на производството на лекови од странство врз националната безбедност. По таа истрага, беа воведени царини за одредени патентирани фармацевтски производи, додека генеричките лекови беа ослободени, објавува Фена.
Трамп рече дека постојната политика кон патентирани и брендирани лекови нема да се промени.
Компаниите што планираат да градат производствени капацитети во САД се исто така ослободени од дополнителни царини, додека пониски стапки може да се применат на трговските партнери што постигнале пошироки договори со Вашингтон.
Некои големи производители на лекови, вклучувајќи ги Фајзер, Мерк, Бристол Мајерс Сквиб и АстраЗенека, ги избегнаа новите царини откако постигнаа договори со Белата куќа за цените на лековите и инвестициите во американското производство.











