
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека членовите на Европската Унија и Канада наскоро ќе добијат официјални писма со кои ќе бидат известени за воведувањето нови царински стапки.
„Би сакал да го направам тоа денес. Ќе ги испратиме во следните неколку часа“, рече Трамп во интервју за NBC News, додавајќи дека писмата ќе бидат испратени „денес или утре“ и ќе ја опфатат целата Европска Унија и Канада.
Веднаш по интервјуто, Трамп најави царина од 35 проценти за канадскиот увоз почнувајќи од следниот месец.
Европската унија, со своите 27 членки, е најголемиот трговски партнер на САД, со стока во вредност од над 600 милијарди долари увезена минатата година.
Канада е исто така меѓу најважните економски партнери, со трговија во вредност од над 400 милијарди долари.
Зборувајќи пред Европскиот парламент во среда, потпретседателот на Европската комисија и главен трговски преговарач Марош Шефчовиќ рече дека се водат дневни разговори со Вашингтон во обид да се избегне добивањето на едно од „царинските писма“ на Трамп.
Трамп објави дека САД ќе воведат царина од 35 проценти за канадските стоки почнувајќи од 1 август и предупреди дека царината може дополнително да се зголеми ако Канада воведе контрамерки.











