Трамп ѝ воведе царини на Македонија од 33%

Американскиот претседател Доналд Трамп  синоќа најави воведување реципрочни царини со кои ќе се воведат дополнителни царини за земјите што извезуваат стоки во САД, вклучувајќи 34 отсто за Кина и 20 отсто за Европската унија.

Македонија се најде на листата на американскиот претседател Доналд Трамп на која ѝ се воведуваат царини. Од регионот со повисоки царини се Босна и Херцеговина со 35 и Србија со 37 отсто. Царините што се воведуваат за Косово, Албанија, Турција и за Црна Гора се 10 отсто.

Трамп покажа графикон наречен „Реципрочни тарифи“ во кој се споредуваат тарифите што другите земји им ги наметнаа на САД со оние на Вашингтон.

„Тие ни наплаќаат, ние им наплаќаме, како може некој да се нервира? рече Трамп, меѓу другото, издвојувајќи ги Кина и Европската унија.

Трамп, објавувајќи ги плановите за огромни тарифи, рече: „нашата земја е ограбена, ограбена, силувана, ограбена“ од други нации.

Тој држеше графикон кој покажува дека Соединетите Држави ќе наметнат данок од 34 отсто за увозот од Кина, 20 отсто за увозот од Европската унија, 25 отсто за Јужна Кореја, 24 отсто за Јапонија и 32 отсто за Тајван, пренесува АП.

„Даночните обврзници се крадени повеќе од 50 години. Но, тоа нема да се повтори“, рече Трамп.

Трговскиот советник на Белата куќа, Питер Наваро, тврди дека новите царини ќе донесат приход од 600 милијарди долари годишно за САД – најголемото зголемување на американските царини од крајот на Втората светска војна во 1945 година.