Транспарентноста на Народната банка е основа за кредибилност на политиките и макроекономската стабилност

10

Активностите за поголема транспарентност, коишто постојано се преземаат од Народната банка, придонесуваат за кредибилитетот на политиките коишто ги води Народната банка, како и за стабилноста на финансискиот систем. Ова беше оценето на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера.

Неговата екселенција, амбасадорот Сера, посочи дека го поддржува транспарентното работење на Народната банка и информирање на јавноста, особено во делот на макроекономските показатели и проекции и движењата во банкарскиот систем, како основа за појасно разбирање на макроекономските состојби во државата.

На средбата, гувернерката на Народната банка се осврна на економската состојба во оваа година, при што посочи дека олабавената монетарна политика придонесува за закрепнување на економијата. Во првата половина од оваа година е остварен раст од 5,2%, што речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка (5,4%). Согласно со последните макроекономски проекции, очекувањата се дека економската активност ќе се врати на преткризното ниво од почетокот на 2022 година. Притоа, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата. Оттука, беше оценето дека банкарскиот сектор досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да им одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнување на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесниот карактер на корона-кризата наметнува потреба од постојана подготвеност и будно следење на состојбите, заради преземање соодветни мерки за справување со предизвиците.

На средбата се разговараше и за европските перспективи на нашата држава, при што беше оценето дека евроинтеграцискиот процес има потенцијал да придонесе за јакнење на институционалниот потенцијал и за спроведувањето на структурните реформи.