
Бродскиот сообраќај низ Суецкиот канал е намален за 42 отсто во јануари во споредба со најпрометниот месец во 2023 година поради честите напади на бродови во Црвеното Море, објави УНКТАД.
Според УНКТАД, 1.338 бродови поминале низ Суец во јануари, 42 отсто помалку отколку во мај.
Ист процентуален пад е забележан и во сообраќајот низ Панамскиот канал поради сушата која го намали нивото на водата, посочуваат оттаму, но сепак транзитот низ Суецкиот канал е значително намален во последните два месеца, додека се намалува во Панамскиот канал две години.
Поради ризикот од напад, многу комерцијални бродови сега го заобиколуваат Црвеното Море и пловат околу ‘Рт на Добрата Надеж, наведува УНКТАД, истакнувајќи дека до средината на февруари, 586 контејнерски бродови биле пренасочени на обиколната рута, со 82 отсто пад на обемот на товар во транзит низ Суецкиот канал.
Во такви услови, просечните тарифи на товар во контејнерскиот транспорт на релација Шангај-Европа на почетокот на февруари биле три и пол пати повисоки од почетокот на декември, според УНКТАД, со голема разлика меѓу категориите стоки.
Минатата година, 22 отсто од стоките транспортирани од продавачите до купувачите по морски пат поминале низ Суецкиот канал, според УНКТАД, посочувајќи дека долгорочните нарушувања во транзитот, особено во транспортот со контејнери, може директно да ги загрозат синџирите на снабдување.
Тоа, пак, може да доведе до доцнење на пратките и повисоки трошоци и инфлација на горивото, нагласуваат тие.
– Товарните тарифи во контејнерскиот транспорт во моментов се околу половина пониски од максимумот во кризата со Ковид, но зголемувањето на логистичките трошоци во подолг временски период може да ја стимулира инфлацијата, како што беше случајот во периодот на логистички прекини во 2021/2022 година ., истакнуваат тие.











