Тренчевска: Социјалните претпријатија создаваат еднакви шанси и еднакво општество, да вложуваме во нивниот развој тие се иднината на современите општества

10

Министерката за труд и социјална политика,  Јованка Тренчевска заедно со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, амбасадорот на Кралството Шпанија Хозе Луис Лозано Гарсија, претставниците на амбасадите на Република Полска и Бугарија и останати соработници денеска присуствуваа на настан кој имаше за цел поддршка на социјалните претпријатија од страна на државата и  донаторската заедница  претставена од Делегацијата на Европската унија, уважените амбасади, меѓународните  и националните организации кои го поддржуваат развојот на социјалното претприемништво во нашата држава.

Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија” е финансиран од ЕУ, имплементиран од ЕПТИСА во соработка со ЕКОРИС и Барка, а корисник е Министерството за труд и социјална политика.

Министерката Тренчевска го истакна значењето на развојот на социјалните претпријатија кои се иднината на едно современо општество.

„Националната Стратегијата за социјалните претпријатија, која се усвои минатата година, ги поставува основните постулати за развој на социјалните претпријатија, нивната препознатливост во општеството и мерки за нивна економска одржливост. Националната Стратегија за социјални претпријатија е скицата на еко- системот кој го градиме како Министерство за труд и социјална политика во соработка со сите заинтересирани страни, вклучително донаторската задница, граѓанскиот сектор и институциите.  Имплементацијата на оваа стратегија е надополнета и со национален координативен механизам за следење на имплементацијата. Оваа есен ќе го подготвиме првиот извештај од спроведување на стратегијата и Акцискиот план, “рече Тренчевска.

Таа истакна дека фокусот кој го имаат социјалните претпријатија покрај  економските активности и создавањето на добра и услуги, е да создаваат општествени добра и да обезбедат вклучување и социо – економско зајакнување на поединецот и неговото семејство, а притоа зачувувајќи го нивното достоинство  со почитувањето на учеството во одлучувањето, во распределбата на профитот, во остварувањето на социјалната мисија.

„Социјалните претпријатија создаваат еднакви шанси и создаваат еднакво општество, придонесуваат кон еколошки и економски развој, но и допринесуваат кон намалувањето на сиромаштијата за најранливите. Тие го помагаат економски раст, влијаат на социјалната кохезија и развојот на новите технологии. Министерството за труд и социјална политика како креатор и генератор на социјалните и економските политики, заедно со социјалните претприемачи покажа дека нема тежок и лесен процес, туку само дали има или нема разбирање и добра волја, “рече Тренчевска.

Министерката упати голема благодарност до неговата екселенција,  Амбасадорот Дејвид Гир и изрази уверување дека одличната соработка ќе продолжи и понатаму, во насока да се завршат започнатите активности за изнаоѓање  на одржливо функционирање на Центарот за социјални претпријатија, да се заокружи консултативниот процес и  законското решение со кое треба да се регулира  системско препознавање, поддршка и развој на социјалните претпријатија.

Министерката Тренчевска ја поздрави иницијативата и проактивноста на Амбасадата на Република Полска која преку свој пример на отворен повик за грантови на социјални претпријатија активно учествува во креирањето на можности за развој на социјалните претпријатија. Таа изрази благодарност  и до останатите амбасади, Амбасадата на Кралството Шпанија, Амбасадата на Кралството Шведска, Амбасадата на Република Бугарија  за денешното присуство и интерес за обезбедување поддршка за развој на социјалното претприемништво.