Тренинг

79

lavirint

Фото: Pixabay

Уште од мал секогаш им се воодушевував на професионалните скејтери. Рипаат од рампи, возат на шипки, прават акробации и други егзибиции со нивните скироли. Си замислував дека тоа и јас можам да го правам, само треба да застанам на даската. Баба ми специјално од Полска ми донесе оригинал скирол, бидејќи дома ги „пукнав“ да ми купат, а не сакаа. Уште првиот ден, со огромна возбуда се упатив накај паркот. Пробав неколку пати да застанам на даската и само да одржувам баланс и да се возам на неа, но повеќе од времето бев на земја отколку на скиролот. Некако не ми се допаѓаше тоа и не беше во релација на она што си го замислував. Мислев дека после неколку дена вежбање, и јас ќе ги правам истите трикови како и скејтерите на телевизија. Скиролот го употребив само уште еднаш и од тогаш седи некаде во подрум. Јас сè уште не знам да направам ниту еден трик со скирол!

Она што мора да сфатиме е дека без макотрпна работа, без да пуштиме пот и повторуваме досадни работи, не може да очекуваме дека ќе успееме да се профилираме високо во она што го работиме или го правиме. Често ќе замислиме нешто, но кога ќе видиме колку работа треба да се направи за да го оствариме тоа, лесно се откажуваме.

За да станеме експерти во некое поле ние мора постојано да се надоградуваме и да тренираме. Тренингот е тоа што ќе нè однесе од ниво на добро до ниво на одлично. Кога мислиме на тренинг, не се мисли само на мускули. Тренинг мора да му правиме и на мозокот, нашите позитивни навики, мисли итн. Каде и да погледнете, кого и да прашате/слушнете од познатите и успешни спортисти, професионалци, деловни луѓе и други, сите зборуваат за тренингот како основа на нивниот успех.

Генијалец! 37 години вежбав по 14 часови на ден, а сега ме

нарекуваат генијалец!”

—Pablo Sarasate

(шпански виолинист)

Ако го земеме на пример Кристијано Роналдо (еден од најплатените светски фудбалери), иако умот му е повеќе во фризурата, сепак не може да оспориме дека е еден од најдобрите фудбалери на планетава. Но, само погледнете што прави тој секој ден за да го постигне тоа ниво (иако може ќе си речеме дека тој и нема потреба толку да тренира бидејќи е најдобар). Дневниот тренинг се состои од:

  • 3-4 часа тренинг со тимот
  • неколку пати на денот трча (25-30 мин.)
  • интензивни и експлозивни спринт тренинзи
  • вежби за јакнење на техниката и контрола над топката
  • вежби во фитнес сала за јакнење на мускулите
  • 000 стомачни на ден

Колку луѓе познавате (вклучувајќи се и самите) од вашето деловно опкружување кој вежба толку во својата област на работење!? Дали некој што е во продажба вежба какви било ментални вежби, сценарија, алатки за да биде подобар во продажбата!?

Како да го направите тренингот дел од вашето секојдневие:

  1. Свесност – прво мора да прифатиме дека ако сакаме да бидеме подобри во тоа што го работиме мора да вежбаме, да потрошиме повеќе време, енергија и пот.
  2. Дисциплина – основа за секој тренинг е дисциплината. Ако сме опуштени и не ги следиме дадените тренинг рутини, ние не може да очекуваме дека ќе постигнеме некој посебен успех. Дисциплината е поврзана со мотивацијата. За да бидеме дисциплинирани и истрајни во нашите намери, ние мора да си поставиме повисока цел – мотив, од таа што ни е сега, за да нè води напред.
  3. Рутина – со цел да немаме проблем со тренингот, мора да го направиме тој да биде дел од нашето секојдневие. Преку дисциплина ние ги претвораме активностите во рутина. Тешко ќе биде ако си кажеме „од утре ќе вежбам фитнес секој ден”. Почнете од неколку пати неделно, по неколку минути. Подобро е кратко вежбање секој ден (во дадено време), отколку цел тренинг еднаш неделно.
  4. Сојузник – ако немате мотив, сила, волја, знаење да тренирате (за да ги јакнете вашите вештини), најдете си некој сојузник со кој ќе може да се мотивирате и да се поддржувате и заеднички да ги правите работите (партнер, пријател, соработник, роднина…).
  5. Изговори – КАКВИ ИЗГОВОРИ И ДА СИ НАЈДЕТЕ, ЗА ДА НЕ НАПРАВИТЕ НЕКОЈА РАБОТА, САМО СЕ ЛАЖЕТЕ СЕБЕСИ!

Со успех во промените.