Треновски: Централна улога во процесот на економски реформи и подобрувања треба да имаат институциите

54

Неспорна е потребата од консензус меѓу политичките елити во однос на економските реформи вели д-р Борче Треновски професор на Економскиот факултет при УКИМ, кој истовремено укажува и на нужноста од согледување на пошироката слика која според него, воопшто не е едноставна.

Во интервју за Локално Треновски потсетува дека предлогот на Хари Костов за потпишување на економски Рамковен договор не е нов, а едно од  неговите основни ограничувања вели тој, останува голиот политички интерес (споменат и во анализата на Треневски од 2013 кадешто тој е ко-автор).

“Дневните политички дебати и интереси се менуваат во зависност во која фаза е политичкиот циклус (дали се наближуваат избори) и од други дневни/месечни политички мотиви кои се менуваат често – што може да биде едно ограничување во реално согледување на проблемите, приоритетите и процесот за постигнување долгорочен економски консензус“, вели Треновски.

Посочува дека процесот на долгорочно поставување на политики подразбира дека  дел од овие политички програми ќе имаат одредени пречки, што ќе им го стеснат просторот на политичарите за “политичка игра“ и “игра“ со своите гласачи.

“Кога ќе се смени власта, новиот министер ќе треба да прифати дека определен приоритет е поставен и тој би имал ограничен простор да прави “тектонски“ промени во политиките и да биде “топ реформатор“, вели Треневски.

Посебен предизвик според него ќе биде и прашањето кoj ќе го мониторира сето ова, односно кој  ќе утврдува дали секоја од засегнатите страни – политичарите-институциите-бизнисот-граѓаните се придржуваат до своите улоги? Дециден е дека централна улога во процесот на економски реформи и подобрувања треба да имаат институциите.

“Доколку економијата е некој вид на “брод“ која плови во неизвесното глобално море – политичарите, заедно со засегнатите страни можат да ги определуваат долгорочните курсеви на бродот, меѓутоа институциите се тие кои го одржуваат успешно брдот на тој курс, и тие кои први треба да реагираат/сигнализираат дека определена наредба не е можно да се спроведе, дека има определени проблеми на бродот, или дека доаѓа големо “невреме“, па треба да се размисли за промена на курсот на бродот“, заклучува Треновски .

Успешноста на еден ваков договор го условува со неколку претпоставки. Меѓу основните според него се потребата од дефинирање на рамка за клучните економски приоритети, утврдување на институциите како главни носители на процесот, како и поставување конкретни механизми за заштита од политички влијанија на целата институционална инфраструктура  која е вклучена во остварување на приоритетите.

Фото: Pixabay