Треш фор арт – Направи уметничко дело од амбалажен отпад и освој 50.000 денари

64

pakomak

Друштвото за управување со амбалажен отпад Пакомак заедно со ПроКредит банка веќе четврта година по ред го организира настанот Треш фор арт кој има за цел да даде еден поинаков поглед на амбалажата од секојдневниот живот и да ги инспирира граѓаните да создадат интересни уметнички творби од пластика, хартија, лименки, стакло или композит.

Наградниот конкурс Треш фор арт 2014 е отворен за возрасни и за деца што ќе се натпреваруваат во две категории – поединци и училишта. Во секоја категорија ќе бидат доделени по три награди и тоа: 50.000 денари за првото место, 25.000 денари за второ и 15.000 денари за трето место.

„Имајќи во предвид дека веќе четврта година по ред заедно со ПроКредит банка го одржуваме овој настан и притоа предизвикуваме навистина голем интерес, задоволството е неизбежно бидејќи на еден креативен начин ја подигаме свеста за амбалжниот отпад, кој во случајов и не можеме да го наречем отпад, туку уметнико дело. Мотивацијата и инспирацијата да се создаде нешто вредно од отпад се чини дека е голем предизвик, па на крајот комисијата има навистина тешка задача за да го одбере најдоброто дело. Ги покануваме сите кои се чувствуваат креативни да земат учество и да направат нешто вредно за паметење“, изјави Филип Иваноски, директор на Пакомак.

Под амбалажен отпад се подразбираат: лименки, пластични и стаклени шишиња, тегли, капачиња, картонски кутии, конзерви, амбалажи од козметика и средства за чистење, пластични чаши, фолија за пакување, дрвени палети, тетрапак-пакувања, кеси од чипс, обвивки и сл.

Готовите дела треба да се достават на 15 и 16 декември, од 10 до 18 часот, во зградата на Кинотека на Македонија во Скопје, на адресата Никола Русински бр.1 (кај библиотека Другарче, наспроти средното училиште Никола Карев, во населбата Карпош 3).

Повеќе информации во врска со правилата за учество можете да најдете на веб страната: http://www.pakomak.com.mk/.