Трет бизнис форум во Будимпешта за инвестирање во Македонија

22

invest-in-macedonia_10Во организација на Стопанската комора на Унгарија и Амбасадата на Република Македонија, вчера во Унгарија беше одржан Бизнис форум за презентирање на можностите за инвестирање и поширока економска соработка помеѓу Унгарија и Македонија.

Форумот беше поддржан од Унгарското министерство за национална економија.

Македонскиот амбасадор во Унгарија Дарко Ангелов и економскиот промотор Љупчо Михаиловски имаа свои излагања пред повеќе од 50 присутни претставници на унгарски компании. Тие ги запознаваа присутните со инвестициските политики на Владата на Република Македонија, како и со конкретните можности во државата, се вели во соопштението на Амбасадата на Македонија.

На форумот зборуваше и директорот на компанијата Мастерпласт, кој сподели искуства од нивното успешно инвестирање во Македонија, преку отворањето на погон во Кичево.

Посебен интерес беше искажан за инвестирање во областите на земјоделството, во погоните за производство на земјоделска опрема, градежни материјали, инфраструктурата, во туризмот и енергетиката.

Бизнис форумот е продолжение на активностите на Македонската амбасада во Будимпешта. Минатата година се одржаа два бизнис и инвестициски форуми, а на почетокот на годинава се воспостави и Македонско-унгарскиот меѓувладин комитет за економска соработка и се оствари студиска посета на Федерацијата на фармери на РМ на Унгарија.

Овие активности имаат за цел да го подигнат обемот на меѓусебната трговска размена која во моментот е на ниско ниво.