Трговците се должни да го истакнат натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ покрај намалените цени на училишниот прибор

Владата на седница донесе одлука да ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10% во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало. Одлуката ќе важи од 15-ти август до 15-ти септември, а трговците се должни, покрај новата намалена цена да ја објават и старата цена која важела на 1-ви јуни, цена која се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето.

Исто така, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: „ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%“.

Како што соопшти владината прес-служба, со оваа одлука, трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор, односно ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена, односно најмалку 10 отсто во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало, пишува Локално.мк