
Кина им нареди на своите авиокомпании да ги прекинат сите идни испораки на авиони од американскиот производител Боинг, како одговор на новите американски царини наметнати на кинески стоки од претседателот Доналд Трамп.
Според информациите што ги објави Блумберг, а кои ги потврдија извори блиски до кинеските власти, кинеската влада покрај забраната за нови испораки препорачала и привремена суспензија на набавката на авионска опрема и делови од американски компании. Оваа одлука дополнително го влошува трговскиот конфликт меѓу САД и Кина.
Одлуката на Пекинг дојде откако кинеските власти минатиот викенд воведоа одмазднички тарифи од 125 отсто за американските стоки, вклучително и авиони и нивни делови. Овој потег значи дека трошоците за увоз на авиони од САД би можеле повеќе од двојно, што ќе ги направи непрофитабилни за кинеските авиокомпании.
Поради ваквата одлука, акциите на Боинг паднаа за 4,6%, а годинава вкупно паднаа за околу 10%. Според Блумберг, Боинг сè уште не ја коментирал моменталната ситуација.
Кина е еден од клучните пазари на Боинг, имајќи предвид дека компанијата во 2018 година испорача речиси четвртина од своето производство во таа земја.