Трговски дефицит од над милијарда евра за седум месеци

11
man into a bill boat on a puddle

Трговскиот дефицит, во периодот јануари ‒ јули оваа година, изнесува 1.093.781.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари ‒ јули 2020 година, изнесува 2.968.741.000 евра и бележи пад од 20,2% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4.062.521.000 евра, што е за 16% помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари ‒ јули 2020 година, изнесува 73,1%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари ‒ јули 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.

Фото: Freepik