Трговскиот договор го поттикна растот на берзите: Боинг добива милијарди, Ролс-Ројс е ослободен од царини…

Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во четврток откако САД и Велика Британија постигнаа трговски договор, прв таков договор откако Вашингтон воведе реципрочни царини на почетокот на април.

Индексот Дау Џонс порасна за 0,62 проценти, на 41.368 поени, додека S&P 500 порасна за 0,58 проценти, на 5.663 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,07 проценти, на 17.928 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од трговскиот договор, според кој Велика Британија ќе ги намали царините за увоз на американски производи од просек од 5,1 на 1,8 проценти, додека царините за увоз на британски производи во Соединетите Американски Држави ќе останат на 10 проценти.

Покрај тоа, Велика Британија се согласи да купи авиони на Боинг за 10 милијарди долари, па цената на акциите на тој производител на авиони скокна за повеќе од 3 проценти.

Вашингтон, од друга страна, го ослободи од царински давачки увозот на делови за авиони произведени од „Ролс-Ројс“.

На презентацијата на договорот, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува суштински трговски преговори со Кина овој викенд во Швајцарија и дека нема да биде изненаден ако се постигне договор.

„Пазарот реагираше позитивно на договорот меѓу САД и Велика Британија, а кога Трамп вели дека преговорите со Кина овој викенд ќе бидат значајни, мора да му верувате на збор, иако никогаш не се знае. Во секој случај, пазарот верува дека ќе има некое разумно решение, во секој случај подобро од глобална трговска војна“, вели Скот Велч, директор во Certuity.

Цените на акциите вчера пораснаа и на повеќето европски берзи. Сепак, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,32 проценти, на 8.531 поени, но франкфуртскиот DAX порасна за 1,02 проценти, на 23.352 поени, а парискиот CAC за 0,89 проценти, на 7.694 поени.