Цените на нафтата паднаа под 82 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи кај трговците преовладуваше стравот дека намалувањето на каматните стапки во САД само на почетокот на есента може да ја турне најголемата светска економија во рецесија и да ја ограничи побарувачката за енергетски производи.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 68 центи во однос на затворањето на пазарот на крајот на минатата недела и изнесуваше 81,95 долари. Речиси за исто толку барелот поевтини на американскиот пазар каде се тргуваше за 79,44 долари.
Со недели трговците се обидуваат да проценат кога американската централна банка би можела да ги намали клучните каматни стапки, пренесува Хина.
Комитетот за монетарна политика на ФЕД ќе се состане на крајот на јули и најверојатно ќе ги задржи каматните стапки на сегашното ниво, шпекулираат аналитичарите. Потрошувачките цени паднаа во јуни на месечна основа за прв пат од почетокот на пандемијата, побарувачката за работна сила се намалува, а пазарите стравуваат дека високите трошоци за задолжување прават данок на економската активност.
„Одложувањето на намалувањето на каматните стапки вклучува ризик од намалување на економската активност, што може да резултира со рецесија. Тоа сценарио вклучува негативни последици за побарувачката на нафта и за нејзините цени“, забележува во белешка Разан Хилал од Forex.com.
Повлекувањето на американскиот претседател Џо Бајден од кандидатурата за нов мандат немаше значително влијание врз нафтените пазари, заклучуваат трговците.
„Веруваме дека влијанието на американскиот претседател врз производството на нафта во САД веројатно не е толку големо како што некои мислат“, рече Сувро Саркар од ДБС банка, истакнувајќи дека производството во САД достигна рекордно ниво минатата година и покрај „зелените“ мерки на администрацијата на Бајден.
„Во секој случај, доколку Доналд Трамп победи на изборите, тоа може да значи посилна побарувачка за нафта, со оглед на неговото противење на електричните возила“, додаде Саркар, цитиран од Хина.
Сепак, укинатите ограничувања на производството во САД може да значат и пониски цени, нагласи тој.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека во петокот цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки паднала за 62 центи, на 84,81 долар.