Тргуваат поретко, но заработуваат повеќе: Тајната на женската инвестициска стратегија

Иако на пазарот на капитал учествуваат значително поретко од мажите, истражувањата покажуваат дека жените долгорочно остваруваат повисоки приноси благодарение на поинаквиот пристап кон инвестирањето.

Според истражувањето на британската платформа „Боринг мани“ (Boring Money), на пазарот на капитал инвестираат само 26 проценти од жените, а кај помладите од 45 години нивниот удел паѓа на само 23 проценти. Кај мажите ситуацијата е значително поинаква – инвестираат 41 процент, односно 40 проценти во помладата возрасна група.

Експертите сметаат дека причината не е недостатокот на интерес, туку пред сè општествените обрасци. Мажите традиционално ги носеле финансиските одлуки во домаќинството, додека жените поретко разговараат за инвестирање и создавање богатство, изјави за Би-би-си  Џилијан Флеминг, коосновачка на инвестициската компанија „Минт венчрс“ (Mint Ventures). Таа додава дека тој тренд постепено се менува, особено кај помладите генерации.

Трпеливи и дисциплинирани

Анализата на „Фиделити интернешнал“ (Fidelity International) покажува дека нивните клиентки во тригодишен период оствариле кумулативен принос од 50 проценти, во споредба со 47 проценти колку што оствариле мажите.

Едно од можните објаснувања се крие во однесувањето на инвеститорите. Податоците на „Барклис“ (Barclays) покажуваат дека жените купуваат и продаваат хартии од вредност приближно двојно поретко од мажите.

„Мажите почесто тргуваат во потрага по поголеми приноси, додека жените се потрпеливи и подисциплинирани. Токму тој пристап долгорочно ги наградува“, вели деловниот психолог Џоана Флојд.

Инвестирањето како средство, а не цел

Разликите не се видливи само во зачестеноста на тргувањето, туку и во изборот на инвестициите.

Мажите почесто избираат технолошки компании со потенцијално повисоки приноси, додека жените инвестираат поразновидно – од малопродажба и прехранбена индустрија до здравство, козметика и креативни индустрии.

Ана Мекдоналд од „Харгривс Ленсдаун“ (Hargreaves Lansdown) за Би-би-си истакнува дека жените посветуваат повеќе внимание на тоа каде завршуваат нивните пари и какво влијание можат да имаат, додека мажите почесто се привлечени од потенцијалот за заработка.

Сличен заклучок носи и „Фиделити интернешнал“. Нивната експертка Џема Слинго вели дека жените инвестирањето почесто го поврзуваат со конкретни животни цели – создавање финансиска резерва, купување недвижност или обезбедување на иднината на децата.

Им недостасува капитал

Парадоксот е во тоа што жените, иако долгорочно остваруваат подобри резултати, во просек инвестираат помалку. Причината и понатаму е родовиот јаз во платите, поради што располагаат со помалку капитал за инвестирање.

Поради тоа, Мекдоналд смета дека финансиската индустрија мора да го направи инвестирањето подостапно и подобро да го поврзе со личните цели на штедачите.

„Поголемата вклученост на жените во инвестирањето не само што би ја зајакнала нивната долгорочна финансиска сигурност, туку би ѝ користела и на целата економија“, заклучува таа.

Фото: Gemini