Три банки во трка за српската Комерцијална банка

44
Три банки влегуваат во трка за купување на најголемата српска банка во доминантна државна сопственост Комерцијална Банка. Интерес за купување на банката, покрај НЛБ, покажале и австриската Рајфајзен Банк и АИК Банка.

Американскиот инвестициски фонд Риплуд Адвајзерс кој се спомнуваше како еден од најсериозни кандидати за купување не достави понуда, пренесуваат српските медиуми.

Износот кој трите финансиски институции го понудиле за мнозинскиот пакет акции се движи од 390 до 450 милиони евра.

Тендерската комисија ги отворила понудите, а заинтересираните страни освен цената и уделот кој сакаат да го купат морале да ги наведат и стратешките планови коишто би ги спровеле во иднина.
Инаку, Комерцијална Банка Србија 2019 година ќе ја заврши со историска добивка од 74.000.000 евра. Банката има експозитури во Србија, Црна Гора и БИХ, а според најавите сака да се прошири и во земјава.

Фото: Pexels